Продолжуваат активностите на Подружницата „Прилепско Поле“ за чистење на речните корита во Општина Кривогаштани
Општина Кривогаштани ја информира јавноста дека, по спроведеното чистење на каналската мрежа кај населеното место Боротино, продолжуваат активностите на Подружницата „Прилепско Поле“ за чистење на речното корито на Крушевска Река, во реонот на Кривогаштани.
Денес, градоначалникот Игор Каравилоски, заедно со директорот на Подружницата „Прилепско Поле“, г. Зоран Тодороски, и државниот инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување, г. Јован Аврамоски, извршија теренски увид во текот на работните активности.
Со оваа интервенција е опфатено чистење на речното корито на Крушевска Река во должина од околу 3.000 метри, со цел превенција од поплави, подобрување на протокот на водата и зголемување на безбедноста на околното земјоделско земјиште и инфраструктура.
Општина Кривогаштани упатува искрена благодарност до сите надлежни институции за навремената поддршка, соработката и посветеноста во реализацијата на овие активности.





